Во Европа се „изгубиле во времето и просторот”, бидејќи Србија во 2021 година нема недостиг на медицинска опрема и вакцини – Makedonija News

Во Европа се „изгубиле во времето и просторот”, бидејќи Србија во 2021 година нема недостиг на медицинска опрема и вакцини

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска го оцени како „гола лага” вчерашниот извештај на Европскиот парламент (ЕП) за напредокот на Србија кон пристапувањето во ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ, читајќи им на новинарите делови од резолуцијата во врска со здравствениот систем, истакна дека Србија има опрема, лекови, вакцини токму затоа што не се потпирала на ЕУ.

Тој рече дека во ЕП се „изгубиле во времето и просторот”, бидејќи Србија во 2021 година нема недостиг на медицинска опрема.

Вучиќ кажа дека „би сакал да ја види” ревизијата на стапката на смртност од коронавирус и „колку навистина се жртви” од таа инфекција во земјите на ЕУ.

– Нема да дозволам да ги напаѓаат нашите лекари, бидејќи тие покажаа дека се попрофесионални од нивните. Кога зборуваат за вакцини, која од нивните земји има повеќе вакцини или спроведува вакцинација подобро од Србија? Само нека си ја вршат својата работа и нека објаснат како се тоа подобри во вакцинацијата, а нашите лекари се полоши, изјави Вучиќ.

Тој продолжи да чита делови од резолуцијата, за загриженоста за кампањата на дезинформации како би се делегитимирала државноста на Косово.

– Горд сум што ја делегитимирам независноста на Косово и ќе продолжам да го правам тоа и во инает на ЕУ, за слава на Србија и ништо не ми можат, изјави Вучиќ.

Српскиот претседател оцени дека премиерот на Косово, Албин Курти со својот став за дијалогот со Србија покажал дека најмногу сака да разговара сам со себе.

– Нека си го турка тој своето, со што јасно ќе ни покажат дека никогаш не сакале дијалог, кажа Вучиќ.

Social profiles