Рашкоски набавил софтвер од 38,8 милиони кој сеуште не е предаден на користење – Makedonija News

Рашкоски набавил софтвер од 38,8 милиони кој сеуште не е предаден на користење

Поранешниот генерален секретар на владата Драги Рашковски, кој стана осомничено лице поради набавката на софтвер од „Инвока“ за безбедност во сообраќајот што не се користи, набавил уште еден софтвер кој, прецизно кажано, се уште не е предаден на користење.

Како што пишува најновиот број на неделникот Фокус, Рашковски во име на владиниот генерален секретаријат кон крајот на 2019 година склучил договор со охридската компанија „Ентер“ за набавка на софтвер за систем за координација во планирањето и спроведувањето на политиката за рамномерен регионален развој, во износ од 38,8 милиони денари.

Притоа, договорот е со времетраење од 5 месеци, со тоа што 3 месеци се предвидени за испорака и инсталација на софтверското решение, а 2 месеци за обука за користење на системот.

Меѓутоа, две години по склучувањето на овој договор, софтверот се уште е во фаза на полнење со податоци и се уште не му е предаден на користење на Министерството за локална самоуправа, како надлежно за спроведување на политиките за рамномерен регионален развој.

Инаку, тендерската постапка за набавка на овој софтвер е спроведена според комбиниран модел, кој предвидува 60 бода за цена и 40 бода за квалитет, што овозможило да биде избрана повеќе од двојно поскапа понуда.

Social profiles