Беснее војната на Блискиот Исток: Хамас го нападна Тел Авив со 130 ракети – Makedonija News

Беснее војната на Блискиот Исток: Хамас го нападна Тел Авив со 130 ракети

Судирите меѓу израелските сили и движењето на Палестинците Хамас синоќа влезе во нова, поинтензивна фаза, откако Хамас истрела над 130 ракети врз Тел Авив, економскиот и технолошкиот центар на Израел и долгогодишен главен град на еврејската држава. Во соопштение околу нападот, Хамас наведе дека тој е одговор на денешниот израелски воздушен удар врз станбена зграда во Газа, во кој загинаа најмалку 28 палестински цивили.

„Сега го исполнуваме ветувањето со голем ракетен напад врз Тел Авив и неговите предградија, со 130 ракети, како одговор на непријателските гаѓања врз станбени згради“, се вели во соопштението на вооруженото крило на Хамас, кое објави и снимка од истрелувањето на ракетите од Газа.

Сирените за воздушен напад се активирале во Тел Авив, по што низ целиот град се слушнале повеќе експлозии. Според официјални извори, во ракетирањето една жена го загубила животот, а вкупно тројца Израелци загинале во многубројните денешни напади од Газа врз израелска територија, во кои наводно биле истрелани над 500 ракети.

Во екот на конфликтот, кој започна откако израелски војници пред неколку дена упаднаа во џамијата ал-Акса во Ерусалим, израелската авијација рано утринава погоди 13-катна зграда полна со луѓе во Газа, а моментот на страотниот напад беше забележан на снимка објавена на социјалните мрежи.

Social profiles