Песок, вода и слободен простор, вака ќе изгледаат плажите оваа сезона- локалната ги врати во првобитна состојба – Makedonija News

Песок, вода и слободен простор, вака ќе изгледаат плажите оваа сезона- локалната ги врати во првобитна состојба

Охридските плажи подготвени за туристичката сезона. Тие се расчистени од градежниот шут кој остана по уривањето на дивоградбите. Песок, вода и слободен простор – вака ќе изгледаат плажите, откако локалната вложи напори да ги врати во првобитна состојба. Нема повеќе наплаќање лежалки и кавга доколку сакате да поставите пешкир на песок и да уживате во природата, а да не пиете ништо.

Расчистени се дел од плажите, но има уште. Градоначалникот наодамна за Охрид 1 најави дека ќе продолжат со расчистување на крајбрежјето, а веднаш после тоа акцијата ќе продолжи и во  урбаната зона на Охрид и Стариот дел на градот.

„Имаме објекти останати на плажите, тие оваа сезона нема да функционираат, сите ќе бидат отстранети. Предвидени се дополнителни 3 милиони денари за уредување на плажите. Ќе се ангажираа од ЈП Охридски комуналец дополнителни работници кои ќе се ангажирани само за одржување на плажите. Мислам дека оваа сезона конечно ќе воведеме ред во функционирањето на плажите. Во минатото имаше случаи каде се поставувани лежалки, препреки за да се наплаќа паркинг при паркирањето во близина на плажите. Тоа оваа година ќе го завршиме. Сите плажи од Метропол спрема Пештани, ќе бидат отстранети по велигденските празници. Додека плажите во опфат на ДУП-от, ќе мора да се отстранат. Во иднина, во однос на стопанисувањето, се прави урбанистички план. Ќе биде согласно сите критериуми. Општината ќе распишува изнајмување на тој простор, но треба да сфатиме дека тоа ќе бидат плажи, а не објекти од траен или времен карактер“, истакна неодамна Георгиески за Охрид 1.

Инаку акцијата за отстранување на дивоградбите од Охридските плажи започна минатата година.  Се отстрануваа според список со плажи ( објекти ) кои треба да се отстранат од брегот на езерото и тоа по редослед според тоа која плажа најдолго работела без договор со државата.

Охрид со децении беше претворен во своевидно „елдорадо“ за урбанистите во Локалната, градежните компании како и угостители кои со години без никаков договор на брегот на Охридско Езеро во владение самоволно имаа запоседнато илјадници метри квадратни државно земјиште на кои изградиле угостителски објекти или поставиле времена опрема, а ваквите прилики и неприлики го доведоа градот пред бришење од списокот на УНЕСКО.

Акцијата доби засилено темпо откако УНЕСКО препорача да се врати првобитниот изглед на градот.

Зад општина Охрид во спроведување на оваа акција застана и Владата. Премиерот Заев ја реафирмираше определбата на Владата, во координација со локалните самоуправи на трите општини да се усогласат напорите за спроведување на Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот Регион со плановите за развој на општините, водејќи грижа на сите вклучени во процесот дека примарна важност имаат заштитата на културните и природните вредности на Охридското Езеро и на крајбрежјето опфатени со Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство.

Social profiles