Голема материјална штета во пожарите кај Коринт во Грција – Makedonija News

Голема материјална штета во пожарите кај Коринт во Грција

Материјална штета на куќи и викендички, евакуирани села и населби, изгорени 4.000 хектари шума, остави зад себе пожарот кај Коринт во Грција, што сè уште не е целосно ставен под контрола, иако ситуацијата е подобра во споредба со вчера и во текот на ноќта. Противпожарната служба цела ноќ се бореше со огнените јазици, а заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас утрово рече дека „во текот на ноќта имаше повеќе фронтови, исклучително опасни за пожарникарите” .

-Продолжуваме со титанските напори и сме воздржано оптимисти дека во текот на денот и со постепеното подобрување на временските услови, пожарот ќе се локализира, а сите наши сили ќе останат на терен до целосно гаснење на пожарот, рече Хардаљас.

Од Секретаријатот за цивилна заштита, со четири пораки испратени во текот на вчерашниот ден и синоќа, преку специјалниот број за итни случаи 112, побараа од жителите на повеќе делови во близина на Коринт да ги напуштат домовите, а досега, превентивно, евакуирани се околу 20 населби и села и три манастири.

-За жал вториот приказ, преку европската служба „Коперникус” дава над 4.000 хектари изгорена шумска површина, а би сакал да ве известам дека постојат штети, а во некои случаи и уништени куќи, кои во најголемиот дел се викендички, оддалечени од организираните населби, а нивната регистрација е во тек, рече Хардаљас.

Social profiles