Уапсен масер од Белград кој се претставувал како хирург и вршел пластични операции, осакатил десетици луѓе, главно жени – Makedonija News

Уапсен масер од Белград кој се претставувал како хирург и вршел пластични операции, осакатил десетици луѓе, главно жени

Сава Кнежевиќ, дваесет и тригодишен масер од Батајница кај Белград, кој со години држел „елитна“ ординација за пластична хирургија во српскиот главен град, е уапсен по неколкунеделна полициска потрага, откако десетици жени се пожалија на здравствени проблеми како последица на неговите неуспешни и нестручно изведени операции.

На Сава Кнежевиќ и неговата мајка Даниела (49), цвеќарка по професија, која му помагала, ќе им се суди за надрилекарство. На двајцата им е одреден 48-часовен притвор, јавуваат српските медиуми. 

Кнежевиќ пет години „оперирал“ и вршел естетски зафати како инјектирање ботокс и липосукции, иако не бил квалификуван за нив, а клиенти во неговата „дива“ ординација, во која цените биле драстично повисоки отколку во легитимните ординации, биле и личности од јавниот живот во Србија.

Лажниот доктор се сомничи дека осакатил десетици луѓе, главно жени, претставувајќи се лажно како специјалист по реконструктивна хирургија.

Како што пишуваат медиумите, Кнежевиќ во последните месеци дури и го проширил „бизнисот“ и почнал да им нуди на странци аранжмани за вакцинирање во Србија, по цена од 600 евра за две дози.

Неверојатно вештиот измамник дури успеал во 2017 година, кога имал само 19 години, да им одржи предавање на француски лекари во една клиника во Париз, а медицинската установа до неодамна ја имала објавено на својата веб-страница снимката од неговото „предавање“.

Social profiles