Блокадата на ВМРО-ДПМНЕ за изградбата на Клинички центар е крајно антинароден и антидржавнички чин, велат од СДСМ – Makedonija News

Блокадата на ВМРО-ДПМНЕ за изградбата на Клинички центар е крајно антинароден и антидржавнички чин, велат од СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ свесно, злонамерно и на штета на граѓаните ја опструира и блокира изградбата на нов Клинички центар, најголемата инвестиција во здравството во последните 80 години. Тешките невистини на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски преку кои се обидуваат да најдат алиби за нивните деструктивни и антинародни блокади за изградба на овој стратешки проект во здравството се пропаднати, се вели во соопштението од СДСМ.

Во продолжение на истото се додава:

Во Град Скопје ќе се гради нов, модерен и функционален Универзитетски клинички центар од 110.000 м2., кој ќе обезбеди високо квалитетни здравствени услуги кои ги исполнуваат сите современи стандарди во медицината и потребите на граѓаните.

Тврдењата на деструктивната партија предводена од Мицкоски дека во соседна Србија се изградил Клинички центар за далеку помала сума се чиста лага, обид за манипулација на јавноста.

Срамни и неосновани се и тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ за наводен криминал. Физибилити студијата е на ниво на Влади на Република Северна Македонија и Австрија, во форма на стручна бесплатна помош за развој и унапредување на здравствениот систем во нашата држава и истата е одобрена од Националната Агенција на Австрија.

Во изградбата на Клиничкиот центар ќе бидат вклучени најреномирани европски компании, германската „Вамед“ и француската „Буиг констракшн“.

Се поставува прашањето: кого овде ВМРО-ДПМНЕ обвинува за криминал? Владата на Австрија или реномираните европски компании од Франција и Германија?

Неоспорливиот факт што опозицијата ја отфрли отворената понуда да го води проектот е потврда дека единствената намера на ВМРО-ДПМНЕ е да опструираат и блокираат се што е во интерес на граѓаните.

Изградбата на нов Клинички центар е историска капитална инвестиција и решавање на децениски проблем во јавното здравство и неговата реализација треба да биде приоритет на сите партии, а не да го кочат и блокираат истото.

Јавноста знае дека ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува на се што е добро за граѓаните и за државата.

Social profiles