Заев во Софија со конкретен предлог, што содржи тој? – Makedonija News

Заев во Софија со конкретен предлог, што содржи тој?

Што содржи „конкретниот предлог“ со кој македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев дошла на средбата со привремениот бугарски премиер Стефан Јанев? Информацијата дека на масата е доставен конкретен предлог, вчера ја објави бугарскиот премиер.

„Делегацијата на Заев дојде со конкретен предлог, кој ќе го разгледаме сеопфатно и професионално во наредните денови. Сега ни е приоритет да создадеме атмосфера на доверба, пријателство и на дијалог, што ќе им помогне на нашите експерти и политичари да дојдат до решение“, порача Јанев по вчерашната средба.

Додека во македонската јавност не се споделени никакви детали за предлогот, во бугарски медиуми веќе се шпекулира.

Под наслов „Компромисот на Заев: Говориме на ист јазик, но меѓународно признат како два различни“, весникот „24 часа“ повикувајќи се на владини извори открива дека тоа била една од петте формулции содржани во предлогот, кој македонскиот премиер Зоран Заев го донел на средбата со бугарскиот технички премиер Стефан Јанев.

„Според извори на ’24 часа’ од бугарската влада, гостинот предложил пет варијанти за компромис, кои треба да влезат во политичката декларација. Меѓу нив имало и формулација за јазичниот спор, која гласела дека Бугарите и Македонците говорат истовремено на ист јазик, но и на различни, кои се светски признати одделно. Се предвидувала и декларација дека двата народа се братски”, објави „24 часа“, пренесувајќи го и одговорот на премиерот на Јанев дека „ќе започне интензивна дискусија за предлозите уште денес“.

Весникот „Труд“, пак, кој пишува дека македонскиот премиер пристигнал во Софија со предлог за нова патна карта, објави за наводно условено ветување на македонскиот премиер, пишува dw.com. 

„На неговата средба со техничкиот премиер Стефан Јанев, Заев ветил дека ако на средбата во Брисел на 22 јуни го поддржиме почетокот на преговорите со РСМ, потоа тие ќе ги направат неопходните компромиси за спорните историски теми. Заев истакна дека очекува нов поттик во работата на заедничката историска комисија. Вториот предлог, кој премиерот на РС Македонија го ставил на преговарачката маса, било забрзување на железничкиот проект Гуешево-Скопје“, објави „Труд“.

Посетата на Заев на Софија се реализираше по еден ден откако бугарското Министерство за надворешни работи во средата објави дека Владата ја одобрила позицијата на Бугарија за европската перспектива на РСМ, со која земјата ќе учествува на состанокот на Советот за општи работи, што ќе се одржи на 22 јуни 2021 година во Луксембург.

Заев во Софија побарал средби со лидерите на четирите водечки партии од 45-то национално собрание. Прифатија само Бојко Борисов (ГЕРБ) и Корнелија Нинова (БСП), а лидерите на ДПС и „Има таков народ“ го одбиле поради предизборни ангажмани. Лидерот на „Има таков народ“, Слави Трифонов, вчера ги нарече „небитни“ лидерите на ГЕРБ и БСП со кои се сретна Заев, укажувајќи дека тој морал прво да се сретне со бугарскиот претседател и премиер, а не со двајцата партиски лидери.

Social profiles