Од денеска во Грција забранет е влезот во кафулињата за невакцинираните лица – Makedonija News

Од денеска во Грција забранет е влезот во кафулињата за невакцинираните лица

Во Грција од денеска стапува на сила одлука со која им се забранува на невакцинираните лица да влегуваат во затворени простории, а казната за оние кои не ја почитуваат оваа мерка е 300 евра, додека за оние кои ќе се обидат да го фалсификуваат сертификатот е 3.000 евра. Сертификатите ќе се проверуваат преку специјалната апликација „Covid free“.

Одлуката на грчката влада ќе важи до 31 август, а се однесува исклучиво на затворените делови и на конкретните објекти, во кои дозволено е само седење.

Внатрешните делови на местата за забава, ноќните клубови, рестораните, кината, театрите ќе работат со 85 отсто од капацитетот, а за надворешните простори постои можност сопствениците да одберат дали ќе бидат „Covid free“ или мешани, односно и за вакцинирани и за невакцинирани, додека пак стоењето ќе биде забрането и на отворено и на затворено.

„Оваа година летото, ќе биде лето на седнати, знам дека ова за многу изгледа апсурдно и тешко, но вирусот и пандемијата не ни оставаат простор да си играме со ова прашање, истакна министерот за развој и инвестиции на Грција Адонис Георгиадис и објасни дека поголемиот дел од позитивните случаи на ковид-19 од изминатиот период се од забави и танцувања во ноќните клубови и кафулињата.

Иако првично, пред две седмици беше најавено дека внатрешните делови ќе бидат по избор на сопствениците или „мешани“ или „чисти“, сепак Георгиадис објасни дека тогаш бројот на новозаразени беше околу 500, со надолен тренд, за разлика од сега кога бројот на нови случаи континуирано се зголемува, па затоа било одлучено, на затворено да биде дозволен влез само за вакцинирани.

За прекршување на конкретните мерки предвидени се и строги парични казни и привремено затворање на локалите.

При првото прекршување, доколку објектот е до 200 метри квадратни, казната е 2.000 евра, а над 200 метри квадратни, 5.000 евра и седум дена затворање.

При регистриран втор прекршок, без разлика на големината на објекрот, паричната казна е 10.000 евра и затворање на 15 дена, а при трето прекршување на мерките привремено се одзема дозволата за работа на 60 дена.

Санкции може да има и откако ќе биде направен прекршок, односно доколку постои материјал на социјални мрежи што покажува неусогласување со правилата.
Клучна за спроведување на мерките е специјалната апликација „Covid free GR“, која е бесплатна и преку која ќе се врши верификација на сертификатите.

При скенирањето на специјалниот код, како што објави МИА, ќе се појавува зелен знак за сертификатите за вакцинација и прележан ковид-19, жолт во случај на негативен рапид или ПЦР тест и црвен знак што значи грешка или невалиден сертификат.

За вакцинираните, потребно е да се поминати 14 дена од вакцинацијата, за оние кои прележале, тоа да биде во период до шест месеци од првиот негативен тест, за ПЦР тестот да биде во последните 72 часа, а рапид тестот во последните 48 часа.

Посебни правила ќе важат и за спортските натпревари, без разлика дали се одржуваат на стадиони или во затворени спортски сали. Влезот ќе биде дозволен само со сертификат за вакцинација или прележан ковид-19.

Ќе работат со 80 отсто од капацитетот, од кои пет проценти може да бидат деца, кои претходно ќе имаат негативен селф тест, а максимален дозволен број на гледачи е 25.000 за стадионите и 8.000 за затворените сали.

Освен казните за невакцинираните, од 1 септември Грција воведува задолжително вакцинирање за старите лица и за здравствените работници, сѐ со цел сегашните 40 отсто вакцинирани до есен да се зголемат на 70 отсто од населението.

Од наесен најверојатно задолжителната вакцинација ќе биде за оние кои работат во домовите за стари лица, здравствените работници, но и оние кои работат во угостителски објекти, особено во кујните. Се споменуваат и студентите, но и оние кои работат во образование поради тоа што наскоро таму започнува училишната година.

Social profiles