„Xiaomi“ го престигна „Apple“ на глобалниот пазар на паметни телефони – Makedonija News

„Xiaomi“ го престигна „Apple“ на глобалниот пазар на паметни телефони

Кинескиот гигант „Xiaomi“ стана вториот најголем произведувач на паметни телефони во вториот квартал на 2021 година, престигнувајќи го „Apple“, покажа новиот извештај на аналитичката компанија „Canalys“.

„Xiaomi“ во периодот од април до јуни имаше 17 отсто удел во глобалната испорака на паметни телефони, со што го турна „Apple“ на трето место чиј удел изнесувал 14 отсто. Јужнокорејскиот „Samsung“ со удел од 19 отсто ја задржа првата позиција.

„’Xiaomi’ забрзано ја зголемува својата работа во странство“, наведува директорот за истражување на „Canalys“, Бен Стентон, во соопштението за медиумите. Стентон истакнал дека испораките на оваа компанија во Латинска Америка пораснале за 300 отсто на годишно ниво, а во Западна Европа за 50 отсто.

Кинескиот произведувач на паметни телефони забележал годишен раст на испораките за 83 отсто, „Samsung“ за 15 отсто, а „Apple“ за само 1 отсто.

Но, Стентон сепак смета дека сликата за учеството на „Xiaomi“ на глобалниот пазар на паметни телефони е искривена од ориентацијата на компанијата кон масовниот пазар, каде цената на нејзините телефони е за 75 отсто пониска од онаа на „Apple“. Оваа компанија со седиште во Пекинг сега се обидува да се пробие и на луксузниот, премиум пазар на паметни телефони.

Social profiles