5г ни е на прагот! – Makedonija News

5г ни е на прагот!

Се чека Владата да го утврди надоместокот за издавање одобренија за радиофреквенции за 5Г

До Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) четири телекомуникациски компании испратија писма за искажување интерес за учество на тендерот за доделување одобренија за користење радиофреквенции за петтата мобилна генерација 5Г, што наскоро треба да го објави регулаторното тело.
Најголемите компании, Македонски телеком и А1 Македонија, се заинтересирани за идентични одобренија и затоа АЕК во согласност со Законот за електронските комуникации, ќе распише јавен тендер со јавно наддавање откако Владата ќе даде согласност за најниската висина на еднократниот надоместок за издавање одобренија.Покрај нив, заинтересирани за одобренија за користење радиофреквенции се и провајдерот Неотел, како и компанијата Битстрим мобиле, која треба да биде нов мобилен мрежен оператор за да се постигне дополнителна либерализација на мобилните комуникации во земјава.
Владата на некоја од следните седници треба да донесе информација за најниската висина на еднократниот надоместок, по што АЕК ќе ја продолжи целокупната постапка која би требало да заврши до крајот на оваа година.

– Веднаш по јавната расправа, АЕК, согласно член 33 од Законот за електронските комуникации, до Владата веќе доставила барање за согласност за најниска висина на еднократниот надоместок за користење радиофреквенции за 5Г. По добивањето на согласноста од страна на Владата, АЕК ќе може да распише јавен тендер со јавно наддавање за доделување на одобренија за користење на радиофреквенции за 5Г. Се очекува ова барање на АЕК за добивање согласност во најскоро време да биде ставено на дневен ред на седница на Влада. АЕК веднаш по добивањето на согласноста од страна на Владата ќе го распише јавниот тендер за 5Г, па може да се очекува дека ќе се исполнат 5Г-таргетите утврдени во Националниот оперативен бродбенд план – истакнаа од Министерството за информатичко општество и администрација, кое е надлежно за спроведување на НОБП.Додека се чека одговорот од Владата кога ќе дојде на дневен ред на седница ова барање од АЕК, операторите ги испратија своите забелешки до регулаторното тело во кои бараат да се намалат високите цени на годишните надоместоци за користење радиофреквенции, особено сега кога треба да се инвестира во брз развој на 5Г-мрежата. АЕК го намали бројот на бодови за користење  радиофреквенции за целиот пакет, кој ќе вклучува фреквенции за воведување 5Г, и тоа опсезите 700 MHz, 3,6 MHz и 26 GHz и линковите од е-банд за 50%.
– Планот за воведување и развој на 5Г гласи: АЕК во соработка со операторите ќе започне јавна расправа за висината на годишниот надоместок за користење на фреквенциите, согласно новата предлог-директива на ЕУ за електронски комуникации. Имајќи го ова предвид, предложеното намалување на висината на годишниот надоместок е во насока на олеснување на воведување 5Г во Македонија и се однесува на сите радиофреквенциски опсези кои на каков било начин се поврзани со воведувањето на 5Г – соопшти АЕК.

Според АЕК, еднократниот надоместок што го платил секој од операторите при доделување одобренија за радиофреквенции за 3Г изнесувал 10 милиони евра, а за 4Г мрежата бил 10,3 милиони евра. Врз основа на овие цени и споредбената анализа со ЕУ-земјите, АЕК предлага најнискиот износ на еднократниот надоместок за 5Г за одобрение во опсегот 700 MHz да изнесува шест милиони евра, а за едно одобрение во опсегот од 3.Х GHz да изнесува три милиони евра. Операторот А1 Македонија направил споредбена анализа на еднократните надоместоци во држави од Европа каде што е спроведена постапка во опсегот од 700 MHz и од неа заклучил дека предложената вредност од страна на АЕК за најниската висина на еднократниот надоместок за радиофреквенции е највисока и е многу поголема од просекот во земјите на ЕУ. Тие предлагаат најнискиот надоместок во овој опсег да не надминува четири милиони евра, а во опсегот од 3.Х GHz да се наплаќа 2,6 милиони евра годишно.

5G network wireless systems and internet communication with modern city skyline. Smart city concept

Во согласност со Mетодологијата на Меѓународната унија за телекомуникации (ITU) за одредување на вредноста на спектарот, како еден од критериумите при одредување на пазарната вредност на спектарот може да се користи и цената од претходните аукции, соодветно индексирана. Поради тоа, Агенцијата при одредување на висината на еднократниот надоместок го користеше и овој критериум. 

Во следната табела (табела АЕК) е прикажана споредбена анализа на еднократните надоместоци во држави од Европа каде што е спроведена постапка за доделување одобренија за користење радиофреквенции во опсегот од 700 МHz земајќи ги предвид и бројот на население и куповната моќ на населението. Како средна вредност за надоместок/MHz/население/PPP се добива коефициент од 0,004078937 евра, при што за 20 МHz во Македонија се добива еднократен надоместок повисок од 6 милиони евра. Анализата на еднократните надоместоци во ЕУ за опсегот од 3.Х GHz покажува дека како средна вредност се добива коефициент од 0,000787235 евра, при што за 100 MHz во Македонија се добива еднократен надоместок малку поголем од три милиони евра, ако се изземат Германија и Италија од споредбата, објаснува АЕК во јавната расправа.

Social profiles