Пожарите локализирани, но и натаму активни, се ангажира војската и хеликоптери за гасење – Makedonija News

Пожарите локализирани, но и натаму активни, се ангажира војската и хеликоптери за гасење

Пожарите кои вчера избувнаа на повеќе локации низ земјава, во текот на ноќта се локализирани, но и натаму се активни и не е отстранета опасноста од нивно разгорување и проширување. На терен се противпожарни екипи со возила и механизација, припадници на Армијата, на Дирекцијата за заштита и спасување, и граѓани кои помагаат.

Пожарот во Кочани што синоќа се закануваше да зафати и делови од градот се уште е активен. Од Територијалната противпожарна едница-Кочани за МИА информираа дека е голема веројатноста оти ќе се поврзе со опожарените места кај селата Бања и Тркање, каде што имаше пожар пред неколку дена.

Утрово се прави обиколка на терен пред да се ангажираат хеликоптерите за гаснење на пожарот.

Пожарот во Ранковце е локализиран и ставен под контрола, објави на  Фејсбук министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Активен е пожарот кај Старо Нагоричане и мобилизирани се екипи за негово гасење.

За денеска е закажана седница на групата за процена на која ќе биде разгледана сериозноста на ситуацијата со пожарите и, како што најави директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, доколку е потребно ќе биде предложено да се прогласи кризна состојба на дел од територијата или на целата територија на државата.

Претседателот Стево Пендаровски на предлог на Генералштабот на Армијата, а по анализа на состојбите, нареди да се прогласи тревога на целокупниот состав на Армијата за справување со елементарни непогоди.

Оваа одлука, како што соопшти Пендаровски, е донесена со цел да може во координирана акција со сите институции целокупниот состав на Армијата да се стави на располагање за справување со пожарите на територијата на државата.

Social profiles