Над 30 илјади граѓани не можат да добијат лични карти поради воведувањето етничка графа – Makedonija News

Над 30 илјади граѓани не можат да добијат лични карти поради воведувањето етничка графа

Граѓаните се жалат дека иако поднеле барање, повеќе од еден месец не можат да ги добијат неопходните документи за лична идентификација.

Околу 30 илјади граѓани не можат да добијат нова лична карта, поради собраниските лавиринти во коишто заглави предлогот за етничката графа во документите. Бројката на неиздадени документи секојдневно расте, бидејќи граѓаните коишто имаат термин, аплицираат, се фотографиират, плаќаат за нови документи, а нови лични карти едноставно нема.  

81-годишна скопјанка којашто пред месец и половина аплицирала за обновување на старата лична карта, изутринава се обидела да добие одговор дали во предвидениот рок од две недели по фотографирањето и поднесувањето на аликацијата, ќе го добие новиот документ. За ДВ вели дека од службите добила негативен одговор. 

„Законот е во Собрание“, е одговорот којшто го добила од службениците во МВР. Таа е загрижена дали ќе може да ја подигне пензијата, со оглед дека банките бараат валиден документ за подигнување на пари, но стравува и од други проблеми коишто би можела да ги има, поради тоа што не поседува основен документ за идентификација. Многумина коишто планираа со лична карта да заминат некаде на одмор во околните земји, каде што е дозволено преминувањето на границата со овој документ, исто така се спречени да патуваат без валиден документ, пред се на одмор во Албанија. 

Клучот е во Собранието

Како што дознаваме, од 05 до 31.07.2021 барање за лична карта поднеле 26.314 граѓани, додека од 01-06.08.2021 примени се 4.864 барања за лични карти од граѓаните. 

ОД МВР велат дека целиот проблем се врти околу Законот за личните карти кој е блокиран во Собрание. „Ние неколкупати инсистиравме во однос на ова законско решение да се донесе, но истото е блокирано со 1.507 амандмани“, велат од МВР. Од амандманите коишто се поднесени за законот, еден е од парламентарното мнозинство, а 1,506 амандмани се поднесени од опозицијата. 

„Ова законско решение, МВР преку Владата уште во март го достави во Собранието, се со цел да може да ги помине собраниски процедури и да можеме да отпочнеме со примена на ова законско решение од 1 јули 2021 година. Притоа, ова законско решение не прецизира ништо друго освен тоа дека и кај личните карти од 1 јули треба(ше) да се применува уставното име на државата и да се применуваат одредбите од законот за јазиците, односно сите заедници што живеат во државата имаат право на личен документ на сопствен јазик“, објаснуваат од МВР за ДВ. Тие апелираат до пратениците час поскоро да го донесат ова законско решение, во интерес на граѓаните. 

Надлежните велат дека барањата на граѓаните за термин за фотографирање, односно аплицирање за издавање на лични карти редовно се примаат, од страна на МВР целата процедура се завршува, но дека не смеат да започнат со издавање на новите лични карти сѐ додека законот не биде на сила. 

Личните карти со старото уставно име, од влегувањето во сила на новиот Закон за лични карти, ќе можат да се користат до 12 февруари 2024 година. 

Проблемот со издавањето на новите документи трае веќе подолг период. Најпрво поради пандемијата службите беа затрупани со барања за нови лични карти и пасоши. На почетокот на летото, МВР го надградуваше системот, по што настана нов застој. Последната блокада започна со имплементацијата на законската обврска за менување на името на државата во документите – во Република Северна Македонија. Некои граѓани во текот на јуни и почетокот на јули, сепак успеаја да дојдат до своите документи. Останатите ќе мора да почекаат на милоста на пратениците. 

Social profiles