Ангелов со реакција на изјавата на Дардишта: Имаме и ние чизми, ама и касарни и НАТО, создавањето ново парламентарно мнозинство е демократски процес – Makedonija News

Ангелов со реакција на изјавата на Дардишта: Имаме и ние чизми, ама и касарни и НАТО, создавањето ново парламентарно мнозинство е демократски процес

Претседателот на политичката партија Достоинство, но и директор на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов жестоко одговори на директорката од редовите на ДУИ која се закани со војна поради падот од власт на нејзината матична партија.

Тој и порача дека и другата страна има чизми, а државата во која живее не е Илирида туку Македонија. Покрај чизми Ангелов порача дека Македонија има и касарни, но го има и НАТО, а на создавањето на ново парламентарно мнозинство гледа како на демократски процес.

-Со години наназад внимателно работам и придонесувам во процесот на помирување и одеднаш со силна дразба се појавува директорката на Клиничкиот центар во Скопје, актуелен член на Управниот одбор на Македонски телеком и активистка на ДУИ, Шкодране Дардишта, чија што заканувачка изјава на нејзиниот фејсбук-профил едноставно ме тера да и одговорам во нејзин стил, уверен дека ваквата популистичка, заканувачка и распалувачка реторика веќе не минува кај мнозинството македонски граѓани.

Г-ѓо Шкодране Дардишта, вие можеби сѐ уште ги имате вашите стари чизми на таванот во старата куќа но ние, во нашите заеднички полициски станици и армиски касарни имаме нови гојзерици. Верувам дека некои од вас се’ уште ги кријат и своите стари пушки но ние, во нашата заедничка македонска Армија имаме современо оружје и воена техника. Можеби вие сте подготвени за час да ги извадите белите патики и да облечети чизми но некои од нас чизмите не ги соблекоа никогаш. Патем, вашите некогашни пријатели денес се и наши пријатели а нашата заедничка држава денес е членка на НАТО.

Понатаму, зборувате дека вие не сте сираци и сте никнале после војна но не заборавајте дека нашите храбри предци, комитите и партизаните, низ многу крв, страдање и смрт, на парче македонска земја, успеале да создадат наша, македонска држава, држава која ние, македонските бранители, во 2001-та успеавме да ја одбраниме од вас, за денес да биде наша заедничка татковина, татковина на сите луѓе кои живеат во неа. Македонија а не Илирида како што пишувате вие.

Вашиот текст го завршувате заканувајќи се’: “Не играјте со оган, затоа што на крај сами ќе изгорете во него“. Јас би ви препорачал да го намалите вашето “патриотско” доживување бидејки обидот за обезбедување на ново парламентарно мнозинство, колку да не ви се допаѓа вам, е сепак само обичен политички, демократски процес во кој учествуваат и две партии на Албанците од Македонија. Или, можеби тие се помалку Албанци од вас?

Г-ѓа Шкодране, на нашата заедничка татковина, Македонија, и треба стабилност, безбедност и мир, членство во ЕУ, демократија и економски напредок. За жал изјави како вашите не’ не водат во тој правец. Затоа сосем за крај, апелирам до вас, бидете дама, оставете ја воинствената и распалувачка реторика на која најчесто наседнуваат младите, и, наместо со закани за војна, против политичките процеси борете се со политички и демократски средства, пишува Ангелов на Фејсбук.

Social profiles