Рама: Косово, БиХ и Црна Гора ќе се приклучат кон Отворен Балкан, не постои друг пат – Makedonija News

Рама: Косово, БиХ и Црна Гора ќе се приклучат кон Отворен Балкан, не постои друг пат

Премиерот на Албанија, Еди Рама, истакна дека е убеден дека иницијативата Отворен Балкан ќе стане реалност и дека ќе ѝ се приклучат и Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.

Убеден сум дека проектот Отворен Балкан ќе преживее, затоа што мирот мора да преживее. И тоа мора да биде неповратно, засекогаш – изјави Рама за „Дојче веле“ по состанокот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со вицепремиерот на Македонија, Никола Димитров во Белград.

Рама истакна дека верува оти Албанците „постигнале многу со тоа што ја убедиле Србија да го прифати Отворен Балкан за шест земји“ и додаде дека е „важно што Србија прифатила дека нема граница меѓу Албанија и Косово“.

-Ова се обидуваа да го направат и го ветуваа сите, но никогаш не можеше да се реализира зашто секогаш кога бевме близу, целиот свет стануваше и велеше дека се прави Голема Албанија. Има некои што не сакаат да го разберат тоа, па велат: „Зарем ќе добиваме дозвола од Србија?“ Тука не станува збор за добивање дозвола, станува збор за тоа да направиме нешто, а тоа не може да се направи ако Србија алармира и ако каже дека се прави Голема Албанија – вели Рама.

Албанскиот премиер вели дека Србија не само што не е пречка за бришење на границите меѓу Албанија и Косово, туку е и „подготвена да го прифати Косово на масата како рамноправно, кога е во прашање Отворен Балкан“.

-Воопшто не разбирам зошто би требало да се отфрли оваа можност и зошто луѓето мора да страдаат, оние луѓе на кои им е потребно тоа првенствено заради нивната работа, заради нивниот бизнис и заради нивната слобода на движење. Јас тоа не го разбирам – вели албанскиот премиер.

Тој наведува дека процесите на приближување на Србија и Косово не се лесни, но тврди дека спротивното е невозможно.

-Не велам дека ова е магично решение, но велам дека нерешавањето и другите екстремни опции не водат апсолутно никаде. Колку повеќе се приближуваат страните, колку повеќе се гледаат во лице, колку повеќе најдат заеднички интереси, не во теоријата туку во практиката, колку повеќе ќе успеат да реализираат контакти, ќе се создадат многу повеќе можности главниот проблем да се третира на попозитивен начин – вели Рама.

Тој наведува дека истото важи и за БиХ.

Босна и Херцеговина секако би профитирала од Отворен Балкан и луѓето би биле поопуштени кога не би имале граници што ја спречуваат слободата на движење, кои ги потсетуваат дека се раздвоени, дека се во тешка економска и социјална положба, како и на разни други работи. Истата работа важи и за Црна Гора. Јас мислам дека сите ќе дојдат во Отворен Балкан, зашто не постои друг пат – вели премиерот на Албанија.

Social profiles