Конгресот на САД побара од бугарскиот амбасадор во Вашингтон да се тргне ветото за преговори на Македонија со ЕУ – Makedonija News

Конгресот на САД побара од бугарскиот амбасадор во Вашингтон да се тргне ветото за преговори на Македонија со ЕУ

Конгресмени од Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД испратија писмо до бугарскиот амбасадор во Вашингтон Тихомир Стојчев, од кого побараа да се реши билатералниот спор со Северна Македонија, за да може државата да ги почне преговорите со Европската Унија до крајот на годината.

„Се надеваме дека ќе ги ставите разликите настрана и ќе поддржите целосна политичка интеграција на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија“, се вели во писмото на двопартиската конгресна група.

Членовите на Конгресот, меѓу кои демократскиот конгресмен од Масачусетс Бил Китинг и републиканската конгресменка од Њујорк Клаудија Тени, напишаа дека се свесни оти „покрај тоа што Северна Македонија и Албанија ги исполнија условите да ги почнат пристапните преговори со Европската Унија, останува спорот меѓу вашата држава и Северна Македонија, што ги спречува Албанија и Северна Македонија да ги почнат тие разговори“.

Во писмото се додава и дека натамошното одложување на прогресот на Северна Македонија и Албанија кон ЕУ ќе фрли сомнеж врз заложбите на западните лидери и ќе отвори врата за антизападни политички влијанија во регионот, конкретно од Кина и од Русија.

„Веруваме дека евентуалното ЕУ членство за Северна Македонија и Албанија е клучно за долгорочните мир и стабилност во балканскиот регион и за целата трансатлантска заедница“, пишува во писмото на конгресмените до бугарскиот амбасадор во Америка.

Social profiles