Филипче ги предложи мерките на Комисијата пред Главниот Координативен Кризен Штаб, Владата за истите ќе одлучува утре – Makedonija News

Филипче ги предложи мерките на Комисијата пред Главниот Координативен Кризен Штаб, Владата за истите ќе одлучува утре

Министерот за здравство, Венко Филипче утрово на седница на Главниот координативен кризен штаб ги предложил новите рестриктивни мерки кои минатата недела ги препорача Комисијата за заразни болести. Кризниот штаб не донел заклучоци и мерките ќе се разгледуваат утре на владина седница. Тие се однесуваат на задолжителна вакцинација на здравствените работници и задолжителна ковид-потврда за вработените во јавниот сектор.

Пред кризниот штаб, како што соопштија од кабинетот на Филипче, министерот посочил дека мерките се целосно издржани и ќе дадат резултат односно со нив ќе се одржи релативно стабилната епидемиолошка состојба во земјата, а ќе се зголеми и опфатот на вакцинација.

„Говорејќи за состојбата во државата, министерот образложи дека болниците се полнат со невакцинирани пациенти, односно процентот на невакцинирани, а хоспитализирани се движи од 75 отсто до 80 отсто. Ваков вид, но и доста поригорозни мерки има насекаде во регионот, Бугарија, Хрватска, Словенија, Грција, како и Австрија, Холандија и други.“,соопштија од Министерството за здравство.

Филипче вечерва ќе има состанок и со синдикатите, кои изминатиот период реагираа и бараа вакцинацијата да не се наметнува со присила, како и бесплатни ПЦР тестови за вработените во јавниот сектор.

Social profiles