Археолозите во северна Турција открија железна маска стара 1.800 години – Makedonija News

Археолозите во северна Турција открија железна маска стара 1.800 години

Археолозите открија железна маска која им припаѓа на римските војници и која датира од пред 1.800 години, во ископувањата во античкиот локалитет Хадрианополис во областа Карабук во северниот Црноморски Регион на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).

Локалитетот, кој се наоѓа на 3 километри источно од градот Карабук, уште е наречен и „Зеугма на Црното Море“ поради сличноста со мозаиците на Зеугма во југоисточната турска област Газиантеп.

Во ископувањата во античкиот град, досега откриени се најмалку 14 градби: две бањи, две цркви, одбранбена структура, карпести гробници, театар и градски ѕид.

Животни како коњи, слонови, пантери и грифон, митолошко суштество, се прикажани на мозаиците и тие му ја донесоа репутацијата на градот.

Исто така, ископувањата открија скелети во карпестите гробници, антички монети, шноли направени од коски, угвентариум или шише со солзи и гробница која датира од 2 век, како и 1.800 години стара вотивна плоча.

Преносливите откритија од ископувањата се пренесени во музеите во околните градови, додека неподвижните откритија, како што се мозаиците на подот од црквата, се сочувани онаму каде што се најдени.

Ерсин Челикбаш, шефот на тимот за ископувањата, рече: „Оваа година, за време на ископувањата, најдовме важни податоци кои го покажуваат периодот на Римската Империја во регионот.“

„Како што можете да видите, железната маска беше откриена за време на ископувањата. Кога ја испитавме, утврдивме дека таа ѝ припаѓала на римската коњаница“, додаде тој.

Истакнувајќи дека во Хадрианополис може да се спомене постоење на римски гарнизон и воена база, Челикбаш, исто така, додаде: „Можеме да зборуваме за присуство на римски гарнизон и воена база во Хадрианополис. Ова значи дека Рим планирал да направи најдобра одбрана, градејќи бази против сите видови на опасности кои би можеле да дојдат од регионот на Црното Море. Сметаме дека еден од тие одбранбени воени градови е и Хадрианополис.“

Извор: Агенција Анадолија

Social profiles