Германија воведува лотарија за добивање работна виза за македонските граѓани – Makedonija News

Германија воведува лотарија за добивање работна виза за македонските граѓани

ерманските власти најавија дека поради големиот број апликации за виза, според член 26 став 2 од Одредбата за вработување во согласност со Регулативата за Западен Балкан, постојните правила ќе бидат ажурирани.

Според најновото ажурирање направено од Амбасадата, ќе бидат донесени нови правила во врска со процедурата за закажување, бидејќи бројот на апликации го надминува бројот на слободни термини што во моментот се достапни.

„За таа цел, во февруари по првпат ќе се отвори нова листа за регистрација на термини за поднесување барање за визи. Оваа прва листа ќе биде отворена за регистрации за одреден временски период (најверојатно 2 недели). Листата нема да се затвори, како досега, кога ќе се дојде до одредена бројка на регистрации. Наместо тоа, листата за регистрација ќе се затвори на одреден ден и од сите регистрации, компјутерски, по случаен избор по пат на лотарија ќе се избере кој ќе добие термин во март 2022 година. За точните податоци кога ќе се отвори листата, ќе информираме навреме на нашата веб-страница и преку нашиот фејсбук-профил“ велат од германската амбасада во Скопје.

Тоа значи дека секој ќе може да поднесе апликација, сепак, само оние што ќе имаат среќа ќе можат да закажат термин.

Лотаријата ќе се спроведе во германското Министерство за надворешни работи во Берлин под надзор од повеќе лица, а веднаш потоа избраните лица ќе бидат известени од Амбасадата кога ќе биде нивниот термин во следниот месец.

Дополнително, во соопштението Амбасадата нагласува и дека на апликантите не им е дозволено повеќекратно да се пријавуваат, да ја менуваат регистрацијата или да ја префрлаат на друго лице.

Освен тоа, се нагласува дека оние што се регистрирале порано немаат предност во однос на оние што се пријавиле подоцна и дека не е потребен ангажман на трети лица.

Како што се вели, при приложување на потврдата за термин, влез во Визниот оддел ќе биде дозволен само ако личните податоци во пасошот на подносителот на барањето целосно се совпаѓаат со податоците што се внесени во терминот за регистрација.

„Регистрaциите што не добиле термин ќе бидат избришани на крајот на месецот. Ако Вашата регистрација не добила термин, и во тој случај ќе добиете соодветно известување дека не сте  извлечени. Од технички причини, може да поминат неколку дена додека добиете известување. Ве молиме да не испраќате мејлови. За да може да учествувате во лотаријата за термини во следниот месец, потребна е нова регистрација. Само на овој начин може да се доделат термини за поднесување виза според Регулативата за Западен Балкан. Амбасадата не дава други посебни термини и од овие причини Ве замолуваме да се откажете од таков тип на прашања“, додаваат од Амбасадата.

Во моментов, сите земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Србија – се дел од германската листа со висок ризик за патување во земјата.

Social profiles