Фестивалот „Охридско лето“ за Кајевски: Драг пријателе на Охридско лето, прерано згасна но вечно ќе се паметиш – Makedonija News

Фестивалот „Охридско лето“ за Кајевски: Драг пријателе на Охридско лето, прерано згасна но вечно ќе се паметиш

Со огромно жалење го изразуваме нашето сочувство до фамилијата, пријателите, колегите… за прераната смрт на актерот Славиша Кајевски од Македонскиот народен театар (МНТ) кој денеска почина на 39-годишна возраст.

Жалиме што заминува уште еден голем уметник, голем актер, човек кој со неговите дела остави неизбришливи траги во историјата на македонското драмско творештво.

Големите личности секогаш имале посебно место на сцената на Охридско лето. Вечно ќе му бидеме благодарни што својата уметничка, професионална дејност несебично ја воздигнуваше оставајќи врвни уметнички вредности на театарската сцена. Ќе го паметиме по брилјантната улога на Керубин во театарската претстава „Свадбата на Фигаро“ на сцената на Охридско лето. Фестивалската публика уште многу години ќе ја чувствува силината на впечатоците од преставата и токму затоа огромна и вечна ќе биде благодарноста за неговиот придонес во развојот и афирмацијата на оваа врвна македонска културна манифестација.

Творечкиот дух и творештвото на уметникот остануваат за навек запаметени. Перото на критичарот никогаш не ги штеди зборовите за оние кои имаат богато и големо творештво, оние кои секогаш се издигнуваат над останатите. Критиката секогаш е позитивна само за најдобрите. Токму таа засегогаш ќе сведочи за големината на Славиша Кајевски на театарската сцена.

Не постојат зборови со кои можеме да ја утешиме болката за загубата на семејството ниту зборови со кои ќе ја искажеме благодарноста за неговиот придонес во градењето на успешната приказна на Охридско лето.

Во овој момент ја нема насмевката на нашите лица но покрај тагата чувствуваме гордост и чест што бевме пријатели со личност ценет меѓу сите нас, доверлив а пред се добронамерен како за оние од светот на уметноста така и за сите останати.

Драг пријателе на Охридско лето, прерано згасна но вечно ќе се паметиш.

Почивај во мир

Кајевски е роден на 1 февруари 1982 во Скопје. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на проф. Владимир Милчин, во 2005. Од 2010 е актер во МНТ.

Mеѓу улогите на Кајевски се: Клег во „Бесачи“, Ленокс во „Макбет“, Семјон Семјеевич Медведенко во „Галеб“, Миле Прлиќ од „Ничија земја“, Императорот во „Авантурите на Аладин“, Еснафот во „Силјан штркот шанца“, Таткото во „Соларис“, Сергеј Александрович во „Животот е прекрасен“, „Тероризам“, Агамемнон и Еврипид во „Електра“, Таткото Тил во „Сината птица“, Озрик и Цар Едип во „Аферата Елсинор“, Готфрид Најцзекер во „Вечната куќа“, Грен во „Подемот и падот на кабарето“, „Декамерон“, „Животот е сон“, Јован и Анѓеле во „Парите се отепувачка“, Корубин во „Свадбата на Фигаро“, Тибалт во „Ромео и Џулиета“, „Бесови“, „Немој ти мене Фауст“, „Троил и Кресида“, „Суд“, „Лет во три глави“, Рака во „Госпоѓа Министерка“, Џими во „Вејка на ветрот“, Гласникот во „Мара/САД“, Маро Мароев во „Дундо Марое“, Морис во „Дракула“..

Го играше ликот на Фантом во филмот „Хомо “, Енди Гомез во „Баагхи“, Сурла во филмот „Еј“, Пики во „Црвената соба“, Павел Киров во „Последните Македонци“, Гласот во „Скопје Ремиксд“, Малиот во „Ова не е американски филм“, Јане во „Некои поинакви приказни“, Павел во „Превртено“, Војникот во „Караула“, Момчето со маска во „Бал-кан-кан“ .

Social profiles